Покрај епидемијата на голема кашлица Македонија е во опасност за појава од уште една, а тоа е епидемија од морбили или мали сипаници.

Загриженоста кај епидемиолозите и кај педијатрите е поради тоа што во регионот, но и во Европа веќе циркулира оваа болест, а во Македонија нивото на вакцинирани деца со МРП не е на посакуваниот процент.

Епидемиолог од Институтот за јавно здравје, д-р Кристина Ставридис за Плусинфо вели дека во 2024 година не е регистриран потврден случај на морбили во Македонија. Но поразителен е фактот што опфатот на вакцинација не е доволен за да се спречи епидемија од морбили.

– Имаме една ефикасна и безбедна вакцина, којашто има ефикасност над 99% којашто може да се користи како една од најефективните мерки во превенцијата на ова вакцинално превентабилно заболување. Вакцината нема контраиндикација, освен алергија на состојки на вакцината, значи секое здраво дете па дури и тие деца со лесна настинка и дијареја може да се вакцинираат и вакцината не треба да се одложува – вели д-р Ставридис.

Според податоците кои д-р Ставрдис ги сподели со Плусинфо, на територијата на Скопје опфатот со МРП вакцина за 2022 година со прва доза е 70,4%, со втора доза е 92,1%, додека на територијата на Македонија опфатот со МРП вакцина со прва доза е 70,7%, а со втора доза 89,2%.

Моменталната епидемиолошка состојба со морбили во земјава е стабилна и не се регистрирани потврдени случаи, велат од Министерството за здравство за Плусинфо.

– Ставот и препораките на Министерството за здравство е придржување на редовниот календар за имунизација кај децата, ова е најдобриот начин за спремно дочекување на нови случаи со морбили и евентуална епидемија. Вакцинацијата претставува најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата да ги вакцинираат своите деца затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита – велат од Здравство.

Минатата недела сериозна загриженост за појавата на морбили имаше и во Комисијата за заразни болести. Оттаму велат дека веќе се прогласени епидемии во неколку земји во регионот, па поради тоа очекуваат дека овој бран би можел да се пресели и кај нас. Исто така се очекува мигрантски трансфер на морбилите, особено што наскоро католиците ќе го празнуваат Велигден, па поради тоа се очекува голем број Македонци од европските земји слободните денови да ги поминат во земјава и при тоа да го донесат вирусот.

– Ќе апелираме до градинките проверката на картоните да оди поинтензивно, поригорозно и во проверката да биде вклучена и вакцинацијата против морбили. Имаме шанса да го изгаснеме овој пожар пред да почне. Тука сме, на прагот на почнување нов пожар – рече претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Претседателка на Комитетот за имунизација на истата прес-конференција, Александра Грозданова, предупреди дека ризикот од две епидемии кај нас е многу голем. Сипаниците ни се доближуваат на ист начин како што ни се доближи големата кашлица и прерасна во епидемија во Скопје.

– Исто онака како што посочивме во октомври дека бранот на движење на пертусис во регионот, движејќи се од Хрватска и од Србија, доаѓа накај нас, а сега го потврдивме, сериозно апелираме и во однос на морбилите. Секаде во регионот веќе има епидемии. Мора да се подигне свеста кај родителите, кај граѓаните, дека мора да го запазиме делот на превентивата со цел да имаме здрави поколенија, здрави деца. Вакви состојби на здравствена криза воопшто не ни се потребни, особено ако две епидемии ни се случат истовремено – рече Грозданова.

Таа беше јасна дека вакцината против морбили може да се прими во ист ден со вакцината Ди-Те-Пер.

Уште во јануари Комитетот за имунизација до вакциналните тимови препорача на секое дете што доаѓа да ја прими ревакцината против пертусис на 18 месеци, бидејќи МРП се прима најрано на 13 месеци, да му се даде и МРП.

Според предлогот за имунизација во Македонија, имунизацијата против мали сипаници, заушки и црвенка – рубеола се врши со давање на една доза вакцина комбинирана жива вакцина против мали сипаници, заушки и црвенка – рубеола (МРП вакцина), како и една доза МРП вакцина со цел ревакцинација.