Зоран Заев и Венко Филипче се најповикани за случајот во Тетово каде што изгоре модуларната болница. Засега никој не одговара, ниту не превзема одговорност, ниту дава оставка, ниту некакви точни одговори, ова денеска преку прес-конференција го истакна Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.
-Поминаа десет дена откако изгоре модуларната болница во Тетово. Има 14 жртви, можеби и повеќе, а се уште не се знаат никакви детали. Надлежните не покажаа ниту трунка морал, ниту трунка доблест. Се уверивме дека за нив човечкиот живот не значи ништо, а одговорност е мисловна именка. За нив ништо не значат човечките животи, не чувствуваат морална одговорност, оставки не даваат, освен што играат во ПР орото на Зоран Заев. Граѓаните имаат право да знаат, а одговорните мора да дадат одговори наместо да молчат. За почеток, кој е крив што се уште нема одговор од кој материјали биле изградени модуларните болници? Кој е крив што она што требало да издржи два часа во најлош случај, изгоре за две минути? Има повеќе прашања на кои што и понатаму се чекаат одговори, на кои што Зоран Заев и Венко Филипче заедно со директорите од ДУИ мораат да одговорат. Прво, како се градени модуларните болници, од каков материјал и на кој начин?, прашува Николов.
Тој додава, второ, дали министерството за здравство побарало и наложило спецификации и соодветни стандарди за градба на модуларните бараки? Стандарди според кои во нив ќе можат да се лекуваат пациенти и по 24 часа во текот на денот, во услови во ваква модуларна градба.
-Трето, колку е платено за нивната изградба и дали тоа соодветствува на добиениот производ? Четврто, зошто немало противпожарни апарати и систем за противпожарна заштита? Петто, дали е нормално здравствена заштита во состојба на епидемија во инфективна болница да даваат членови на семејства на пациентите? Каде да пријават тие кои што тврдат дека им е барано мито? И дали е барано мито за нега и грижа за болните? Кој од власта се заканува на роднините на жртвите од несреќата и ги опоменува и им сугерира и кажува што да сведочат? И последно, што треба дополнително да се случи за да Зоран Заев и Филипче поднесат оставки и ја ослободат истрагата?Едноставно е, и тоа го знае секој оној кој има малце морал и малце чувство на одговорност фотелјите на Зоран Заев и Филипче не се поважни од вистината. Потребен е морал, доблест и етика. Функциите се менливи и минливи. Оставките се ДОБЛЕСТ! На потег е Зоран Заев и Венко Филипче за доброто на народот и за доброто на системот, вели Николов.