Медицинскиот факултет во Белград заклучи дека Ивермектин, лек кој во последните месеци беше во фокусот на јавноста во Србија во контекст на лекувањето на коронавирусот, не е ефикасен во борбата против оваа заразна болест.
Како што беше најавено, факултетот денеска го соопшти својот официјален став за употребата на ивермектинот.
Поради бројните коментари кои неодамна се појавија во медиумите во врска со употребата на препаратот ивермектин во лекувањето на инфекцијата Ковид-19, Медицинскиот факултет во Белград смета дека Факултетот како институција од највисоко национално значење, треба да реагира, се наведува во соопштението.
Инаку лекот Ивермектин најчесто се користи за лекување на паразити кај животните. Постојат и посебно произведени лекови за човечка употреба кои содржат помали дози од активната супстанца. Во Србија се регистрирани само лекови за ветеринарна употреба.