Главниот медицински советник во Белата куќа, Ентони Фаучи, предупреди дека слабеењето на ефектот на вакцините во комбинација со високо преносливата Делта варијанта на коронавирусот ќе доведе до двоен удар, што ќе ги погоди и вакцинираните луѓе.
Според федералните податоци, дневниот просек на нови случаи во САД се зголеми на повеќе од 80.000 заразени, што е највисока стапка за последниот речиси еден месец. Вкупно 40 американски држави во моментов покажуваат висока стапка на инфекција, а вкупниот број на хоспитализации се зголеми за првпат во речиси 10 недели.
Фаучи смета дека не само што ќе биде важно да се убедат приближно 60 милиони невакцинирани Американци дека треба да се имунизираат, туку е многу важно „да се спроведе програма за третата доза од вакцината“. Тој додаде дека дополнителните дози на вакцината против Ковид-19 би можеле да станат стандард за „целосна“ вакцинација.
Изјавата на Фаучи доаѓа во време кога сè поголем број држави и локални власти вршат притисок за продолжување на задолжителната вакцинација на трета доза. Нивната цел е да ја воведат третата доза за сите возрасни најмалку шест месеци по втората вакцина на Фајзер или Модерна.