Голем број европски земји ги заоструваат мерките поради доаѓањето на новиот вид коронавирус. Новиот сој првпат беше регистриран пред неколку недели во неколку африкански земји. Странските медиуми јавуваат дека француските власти најавиле дека ќе го намалат периодот помеѓу примањето на втората и третата доза од вакцината на четири месеци.
Во последните три дена Велика Британија забележа рекорден број заболени на дневна основа. Во петокот во оваа земја имало над 93.000 пациенти со коронавирус, од кои повеќе од 15.000 биле потврдени случаи на омикрон. Поради ширењето на новиот сој, итно бил свикан состанок на комитетот „Кобра“ кој одлучува за мерки во вонредни околности. На средбата присуствувал и британскиот премиер Борис Џонсон. Во последнава недела во Британија е забележан пораст на бројот на пациенти за 59 отсто. Од почетокот на пандемијата во Британија, повеќе од 147.000 луѓе починале, додека над 11 милиони се заразени.
Во Холандија, премиерот Марк Руте најавил дека вонредните мерки, кои требаше да бидат укинати за Божиќ, ќе бидат продолжени до 14 јануари. Инаку, во Холандија од крајот на ноември рестораните и повеќето продавници ќе бидат затворени од 17 до 5 часот наутро. Во петокот во Холандија биле регистрирани повеќе од 15.400 нови случаи.
Од почетокот на пандемијата во Европа, повеќе од 89 милиони луѓе се заразиле со коронавирус, додека над 1,5 милиони починале. Германија ги идентификуваше Франција, Норвешка и Данска како земји со „висок ризик“ поради зголемениот број на инфекции. Во петокот во Германија беа пријавени повеќе од 42.000 случаи. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека секој што ќе влезе во Европската унија ќе мора да направи ПЦР тест за да се забави ширењето на новиот вид коронавирус.