Од денеска, 1 август па се до крајот на седмицата се одбележува Светската седмица на доењето. Целта на глобалната кампања по повод Светската недела на доењето е подигнување на свесноста и важноста за многу различни теми поврзани со доењето. Мотото на Светската недела на доењето, годинава, е „Заложи се за доење, едукација и поддршка“.
Доењето значително го подобрува здравјето и стапката на преживување и на мајките и на бебињата. Доењето може да спаси животи, да го подобри здравјето и да влијае на подобрување на социо-економската состојба на поединци и на цели народи. Мајчиното млеко е неопходно за правилен раст, развој и здравје на бебето, а воедно е добро и за физичкото и психичкото здравје на мајката. Доењето е најздравата и единствена исхрана која треба да ја прима новороденчето до едногодишна возраст покрај додатоците, што понатаму доведува и до здрава возрасна популација.
Центарот за промоција на здравје и човекови права „Матрона“ соопшти дека од 2015 година активно учествува во едукација, поддршка и подигнување на свесноста за доењето. Досега имаат организирано повеќе од 50 едукативни работилници за доење и важноста на мајчиното млеко, со повеќе од 20 едукативни работилници за подготовка на новороденче.
Од годинава, како што информираат, почнале и со едукативни работилници за важноста на оралната хигиена кај трудницата и новороденчето. По повод Светската недела на доење на 3 август организираат интерактивен едукативен вебинар за доење, на кој учесничките ќе имаат можност бесплатно да учествуваат и да ги слушнат советите споделени од докторка, која со помош на стручни и практични совети ќе ги претстави најважните аспекти на доењето и грижата за новороденчето. На интерактивниот вебинар сите учеснички имаат можност да постават прашања и да споделат приказна околу доењето.