Европскиот Суд за правда (ЕСП) во одлука донесена за германски случај на повреда на приватноста на Фејсбук оцени дека администраторите на “фан“ страниците на Фејсбук се исто така одговорни за заштитата на личните податоци на корисниците како и социјалната мрежа.
Случајот се однесува на германска образовна компанија која преку својата “фан“ страница на социјалната мрежа собирала податоци за корисниците преку зачувуање колачиња (cookies), со што ги следела активностите на посетителите на страницата.
Германската агенција за заштита на личните податоци побарала од компанијата да ја деактивира фан страницата затоа што посетителите не биле информирани дека се собираат нивните податоци. На што компанијата возвратила со аргументот дека не може да се смета за одговорна за процесуирањето на личните податоци од страна на Фејсбук и дека одговорноста лежи кај социјалната мрежа.
Ниту германскиот, ниту европскиот суд не ги уважија аргументите на одбраната.
ЕСП оцени дека „фактот што администратор на „фан“ страница ја користи платформата на Фејсбук за да ги ужива бенефитите од тие услуги не може да биде изземен од обврските кои се однесуваат на заштитата на личните податоци“.
Администраторот одлучува кои податоци ги собира и како ќе ги процесуира, преку дефинирање целни групи или барање демографски податоци и информации за интересите на корисникот, оцени Судот. Администраторот е одговорен за легалниот начин на процесуирање на информациите кои ги собира.
Овој случај го отвора прашањето за одговорноста на сопствениците на сајтови и форуми кои се наоѓаат на туѓи платформи. По оваа одлука и по стапувањето на сила на новата европска регулатива за заштита на личните податоци (GDPR), администраторите ќе треба да го ревидираат начинот на кој собираат податоци за корисниците и да побараат согласност од истите.