Замастен црн дроб или хепар претставува состојба на акумулација на масни капки во главната клетка на црниот дроб – хепатоцитот. За да оваа состојба биде дијагностицирана со магнетна резонанца треба да има замастување на повеќе од 5% од вкупната маса на црниот дроб.
Модерниот начин на живеење нуди изобилство на храна и нејзин прекумерен внес. Работните навики заедно со прекумерното работење, неминовно водат до замастување на црниот дроб, зголемување на телесната тежина (дебелина) и провокација за појава на дијабетес, покачени маснотии и покачен крвен притисок (КП). Сите овие состојби заедно, кај една голема популациона група неминовно водат до васкуларни инциденти т.е. појава на срцев удар, мозочен удар или други кардиоваскуларни заболувања.
Она што луѓето помалку го знаат, а каде нивото на свесност треба да биде поголемо, е фактот дека ваквиот начин на живеење доведува до неалкохолно замастување на црниот дроб. Споредено со алкохолното замастување за кое со децении се знае дека може да води кон цироза и појава на хепатоцелуларен карцином, неалкохолното замастување слично, може да води кон напредната фаза на заболување познато како стеатохепатитис.
Стеатохепатитисот со неговото напредување, оневозможува обнова на црниот дроб и кај некои индивидуи може да води кон цироза или појава на хепатоцелуларен карцином. Кај лицата кои е дијагностициран стеатохепатитис предизвикан од храна, а не од прекумерно консумирање на алкохол, умереното консумирање на вино (како дозволен, помалку штетен и во некои ситуации пожелен алкохол) може да води кон забрзана појава на карцином на хепарот (хепатоцелуларен карцином).
Токму поради сé горе наведено, неалкохолно замастениот црн дроб не претставува едно “обично замастување“ туку, состојба која мора многу внимателно да се процени кај секоја индивидуа поединечно, да се направи дијагностичка проценка и степенување кои понатаму ќе водат кон правилен терапевтски пристап.
Превземено од poliklinika-manolevi.mk