Големата кашлица не е страшна болест за возрасните, има лек за неа. Во Македонија во моментов нема ДиТеПер вакцини за возрасни, но очекуваме од понеделник да стигнат, кажа денеска д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
До денес се регистрирани 56 случаи на голема кашлица, од кои 46 во Скопје. Другите се во Куманово, Тетово и Гостивар. Од 56-те случаи, 14 се деца под 1 една година, 9 се на возраст од 1 до 4 години. Од 56-те, 16 се невакцинирани, 12 се некомплетно вацинирани.
„За разлика од последниот пат кога правевме пресек на епидемиолошката состојба, сега се појавуваат и адолесценти, деца на возрат над 10 до 14 години и повозрасни, до 49 години. Веројатно во текот на следните недели ќе има пораст на оваа демографска структура, очекуваме кај возрасните и почесто да се потврдува оваа болест.
Но, сакам да потенцирам дека наша најголема грижа како здравствен систем е спречување на ширењето на инфекцијата кај малите деца, бидејќи децата до 1 година се најризични“, кажа тој.
Д-р Петличковски кажа дека состојбата со големата кашлица во земјава е под контрола, не може да се каже дека е стабилна, бидејќи сѐ уште има пораст на потврдени случаи.
Д-р Петличковски и д-р Злате Мехмедовиќ повторно апелираа до родителите да си ги вакцинираат децата. Од 18 јануари до 14 февруари вакцинирани се над 13 илјади деца, велат дека одзивот е солиден и релативно се задоволни, но работата сѐ уште не е завршена оти има илјадиници деца кои треба да се вакцинираат.
Во однос на вакцините кои се очекува да стигнат следната недела, д-р Петличковски, кажа дека се станува збор за вакцини против голема кашлица за трудници.
На новинарско прашање дали сите возрасни треба да се вакцинираат, тој кажа дека возрасните луѓе во нормални околоности не мора да примаат засилувачки дози. Возрасните кои живеат во заедници каде има мали деца под 1 година треба да бидат заштитени со дополнителна доза со цел да не ја пренесат болеста на нив
„Поентата на вакцинирањето е да се преброди критичниот период за оваа болест. Вакцините обезбедуваат имунитет кој трае меѓу 5 и 10 години многу солиден . Не сум 100-проценти сигурен, но за мене е логично вакцините за овие луѓе по епидемиолошка индицкација да бидат бесплатни ама не можам да гарантирам“, рече д-р Петличковски.
Директорот на Инфективната клиника д-р Фадил Цана кажа дека на Инфективната клиника нема хоспитализирани лица со голема кашлица, заболените се третираат амбулантски.