Претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар, во изјава за медиумите најави протест пред Министерството за финансии на трети мај во 12 часот. Причината за ваквата најава е дописот кој пред велигденските празници беше испратен до сите надлежни институции од страна на Асоцијацијата, а во кој се бара одговор до каде е работата со набавката на лекот „трикафта“ и со законските измени за побрза набавка на лекот.

– Сѐ уште немаме одговор, иако, неофицијално, преку одредени луѓе слушаме дека работата се движи и дека имаат иницијатива и дека работат на целата проблематика. Но, проблемот е што ние сѐ уште немаме добиено допис, информираше Гаспар.

Тој нагласи дека, доколку нема јасни насоки што се случува, тогаш останува работата да се оди на протест во среда на трети мај во 12 часот, пред Министерството за финансии, затоа што смета дека доколку се обезбеди буџет работите ќе се движат многу побрзо.

Неофицијално, како што додаде Гаспар, наводно вчера на Влада поминала одлука уште 18 пациенти да добијат лек.

– Тоа е за поздравување, но, ние апелираме дека го бараме за сите пациенти. За да нема несигурност и страв кај пациентите. Ако е точно, ќе има страв дали се во таа бројка, кога ќе дојде за нив. Утре мислам дека ќе има состанок во Министерството за здравство, сѐ уште чекаме да биде поканет наш претставник, објасни Гаспар.

Тој посочи дека според неговото мислење, лекот „трикафта “ е соодветен за 80 пациенти, а во моментов „трикафта“ примаат 12 лица.