Министерот за здравство Илир Демири незаконски го разрешил медицинскиот директор на Клиниката за Токсикологија, доктор Данил Петровски, оцени денеска Антикорупциска и притоа ќе поднесе иницијатива за одговорност пред надлежните институции.
Според ДКСК, назаконски било и склучувањето на договори на дело со 18 лица на клиниката на кои им престанал работниот однос, бидејќи истите не биле потпишани од двајцата директори како што налага законот.
Тогаш реагираа и вработените во Клиниката кои го осудија овој чин и укажуваа дека според упатствата на Антикорупциската комисија, разрешувањето е незаконско, бидејќи изборниот процес беше во тек.
Додека пак здравствените инспектори констатираа дека директорката Бесија Иљази незаконски им ги потпишала решенијата на договорците со кои им се продолжува работниот однос до крајот на годинава.
Меѓу вработените кои добија решение беше и болничарот кој се обиде да лажира резултати на урина со наркотици, што предизвика низа реакции во јавноста.
Заменик министерката за здравство Маја Манолева денеска остварила средба со дел од стручниот колегиум и претставници на лекарскиот колегиум од Универзитетската клиника за токсикологија и побарала да дадат предлог за именување на медицински директор, кој треба да ги исполнува условите согласно законот.