Обединетото Кралство даде условно одобрение за употреба на антивирусен лек против ковид-19 од Мерк, првата таблета која се покажа како успешна во лекувањето на сериозни симптоми на инфекција со коронавирус. Обединетото Кралство е првата земја која одобри третман со молнупивир, иако сè уште не се знае точно кога овој лек ќе биде достапен, пишуваат странските медиуми. Лекот е лиценциран за употреба кај луѓе постари од 18 години кои се позитивни на Ковид-19 и имаат барем еден фактор на ризик за развој на сериозна болест.

Многу луѓе мислат дека молнупиравир е одлично решение бидејќи на тој начин можеме да се лекуваме против коронавирусот без хоспитализација, објави Си-Ен-Ен. Имено, кога на пациентот ќе му биде дијагностицирана инфекција со Ковид-19, тој може да започне со терапија со овој лек и да зема четири капсули од 200 милиграми (вкупно 40 таблети) два пати на ден во период од пет дена.

– За разлика од вакцината, која предизвикува имунолошки одговор, молнупиравир се меша со репликацијата на вирусот, изјави Санџај Сенајаке, специјалист за заразни болести на Австралискиот национален универзитет.

Прелиминарните резултати од третата фаза од клиничките испитувања спроведени од фабриката Мерк на повеќе од 700 невакцинирани пациенти покажаа дека таблетата може да го намали ризикот од хоспитализација или смрт за приближно 50 проценти во споредба со пациентите кои земале плацебо. Учесниците примиле таблета или плацебо во текот на студијата во рок од пет дена од почетокот на симптомите на инфекција, а ниту еден од оние кои примиле молнупиравир не починал во рок од 29 дена, за разлика од оние осум испитаници кои примале плацебо.

За да биде одобрена, вакцината или лекот мора да помине низ три фази на клинички испитувања. Мерк рече дека може да произведе 10 милиони третмани до крајот на годината, но дека голем дел од тие акции веќе се откупени од владите ширум светот.

Мерк сè уште не откри детали за можните несакани ефекти од земањето молнупиравир, освен што беше наведено дека нивното ниво е слично кај оние субјекти кои го земале лекот и оние кои примале плацебо.

 

Бидејќи лекот го таргетира ензимот што коронавирусот го користи за репродукција и внесува грешки во неговиот генетски код, некои експерти веруваат дека молнупиравир потенцијално може да предизвика мутации што доведуваат до некои дефекти или тумори.

За време на студијата, испитаниците, и мажи и жени, добија инструкции да користат контрацепција или да се воздржат од интимни односи. Бремените жени беа исклучени од студијата. Мерк изјави дека лекот е безбеден кога се користи во согласност со упатствата.