Кина ја заврши изградбата и на втората болница во Вухан за изолација и лекување на пациенти од коронавирусот, од кој досега починаа повеќе од 560 луѓе и продолжува да се шири отежнувајќи ги патувањата и животите на луѓето како и економската состојба. Новата болница има капацитет од 1500 кревети, специјално изградена за пациенти кои се заразени со коронавирусот. Нејзиното отварање следуваше по еден ден откако првата болница со 1000 легла започна да прима пациенти.

Здравствениот систем на главниот град Вухан од каде што започна ширењето на коронавирусот во декември минатата година, е преблокиран со илјадници заболени пациенти. Луѓето со полесни симптоми се префрлени во импровизирани болници во спортски центри, изложбени сали и други јавни простори.

Наскоро се очекува и да започне тестирањето на новиот антивирусен лек врз првата група пациенти.

Вухан има уште 132 места за карантин со повеќе од 12.500 кревети.

Кинеските здравствени власти пријавија 563 смртни случаи и 28.018 заразени лица. Надвор од Кина, досега се потврдени најмалку 260 случаи вклучувајќи два смртни во Хонг Конг и на Филипините.

Здравствените работници во Хонг Конг кои бараат да се затвори границата со Кина штрајкуваат веќе четири дена. На нивните барања властите објавија 14 дневен карантин на сите патници кои доаѓаат од Кина во Хонг Конг, но се противат на барањето границата целосно да се затвори.