Илија Филипче, таткото на министерот за здравство Венко Филипче, пред две недели бил на интервенција во една приватна болница, односно му била извршена кардиолошка интервенција за ставање стент. На прашањето дали министерот за здравство верува во јавното здравство и зошто неговиот татко, кој и самиот претходно беше министер за здравство, избрал да се лекува во приватна болница, Филипче вели дека апсолутно верува во јавното здравство, но дека во случајот станува збор за правото на пациентот да си избере лекар во кој има доверба.
„Апсолутно верувам во капацитетот на нашето јавно здравство, кое има врвни експерти во сите специјалности, така и во кардиологијата. Мојот татко беше на интервенција во приватна болница бидејќи и претходно таму се лекуваше. Таму е неговиот доктор, кој со години му ја следи состојбата, најдобро му ги познава крвните садови и претходно му има вградено три стента. Овде не станува збор за тоа дека не верувам во капацитетот на јавните здравствени установи и лекарите кои таму работат, туку станува збор за право на пациентот на избор на лекар, односно да се лекува кај оној во кој има доверба“, вели Филипче.
Министерот вели дека прават сè за да ја вратат довербата на граѓаните во јавното здравство, од каде со години заминувале врвни експерти не само во приватните болници, туку и во странство.
После сите афери поврзани со министерот Филипче, ова е само капак на се. Толку дадени ветувања, толку забрани и правила, епидемија со морбили, забрани за одење во градинки, манипулација на граѓаните со „наводното“ вакцинирање на својата внука, како и уште стотици вакви примери за на крај повторно и само уште еднаш министерот Филипче да потврди дека не верува на тоа што го збори и дека тој самиот не верува во јавното здравство.
Ама Филипче без проблем и влакна на јазикот и срам на лицето ги убедува сите македонци и македонки да ги вакцинираат своите деца, да се лечат и да се оперираат во клиниките кои потпаѓат под министерството и да веруваат во здравствениот систем во РМакедонија, додека тој самиот бега од истото. Зошто? Која контрадикторност, продавање демагогии, до кога?