Родилиштето од кумановската општа болница ја одбележува Светската недела на доење со промотивни активности, информираа денеска надлежните. Годинешното мото на светската алијанса за доење е „Затворање на празнината” што подразбира постигнување висок процент на екслузивно доени бебиња. Во кумановската болница, здравствените работници делат промотивен материјал, разговараат со мајките за важноста од доењето, ја промовираат неделата на социјалните мрежи и ги поттикнуваат семејствата и компаниите да ја поддржат мајката при доењето.
-Целта на кампањата е да се подигне свеста за важноста на доењето, со кое се обезбедува внес на нутриенти, раст и напредок на новороденото во првите денови, внес на имунолошки фактори како ензими, антитела, важни за доброто здравје на бебето. Го штити новороденото од болести, а мајката од дијабетес тип 2, карцином на јајчници и карцином на дојка. Ја подобрува емотивната врска меѓу мајката и новороденото, изјави, супспецијалист доктор Александра Христова, раководител на оддел за новородени од општа болница Куманово.
Ексклузивното е доење до првите шест месеци, без воведување на други напитоци и воведување на мешовита исхрана на бебето, освен мајчино млеко. Според СЗО и УНИЦЕФ, ова е основна превентивна интервенција во намалување на смртноста во рана детска возраст, опфаќа иницијација на доењето во првиот час по раѓањето, па се до втората година од животот.
Ексклузивното доење е камен темелник за намалување на стапката на смртноста кај децата и процентот на болестите кај децата, бидејќи обезбедува есенцијални, незаменливи хранливи материи важни за растот и развојот на детето и ја обезбедува првата имунизација на новороденото, заштита од потенцијални агенси ( респираторни инфекции, дијареа).
-Преку 120 земји се вклучени во кампањата за поддршка на доењето, која се одржува секоја година во рамките на Светската недела на доење од први до седми август. Првпат е одбележана 1992 година.
Целта на Светската алијанаса за поддршка на доењето е да се зголеми процентот до 50 проценти на ексклузивно доени бебиња до шест месеци во светот до 2025 година. Процентот на ексклузивно доени бебиња до 6 месеци од пред 12 години е зголемен за 10 проценти. Сега изнесува 48, идната година се очекува да достигне 50 отсто, изјави Христова.
Кумановската болница е пријател на бебињата уште од 2000 година и досега остварува значителен напредок во подигање на квалитетот на здравствена грижа кон мајките и бебињата.
На светско ниво целта е да се препознаат сите мајки доилки од кој било дел од светот и со помош на активности од здравствените работници, семејството, компаниите да се разберат потребите на мајките кои сакааат да дојат и да им се помогне во остварување на таа цел.