Министерот за здравство Арбен Таравари се надева дека до крајот на годината барем половина од околу две илјади и нешто вработени со договор на дело во јавното здравство да добијат решенија.
Одговарајќи на новинарски прашања, дали ќе се чека месец декември за новиот буџет за вработувања на лицата ангажирани со договор на дело или обезбедени се средства со ребалансот, Таравари рече дека ќе се обидат одреден број доктори да бидат вработени уште сега.
– Веќе има одлука на Влада, 300 оваа година и уште толку следната. Исто така, на одредени вработени со договор на дело ќе им дадеме решение. Меѓутоа, со број не можам да кажам точно. Се надевам повеќе од половина од овие кои се со договор на дело, ќе добијат решенија за работа, со тоа што ќе отвориме простор и за други, бидејќи имаме огромен дефицит, изјави Таравари, кој денеска беше во посетата на реновираните простории на Универзитетскиот институт за радиологија.
Таравари, исто така, нагласи дека, каде и да оди, во сите градови во сите болници, првата и најголемата жалба од сите раководители на здравствените јавни институции, е, недостаток на средномедицински кадар, меѓутоа и на доктори, посебно по одредени специјализации.