Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу денеска учествуваше на стручна расправа за процесите на ресоцијализација и (ре)интеграција на децата сместени во ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и со нарушено поведение, по повод направената Анализа за овие два процеси од страна на Факултетот за безбедност-Скопје, во соработка со Заводот за социјални дејности.

Во своето обраќање пред присутните, Сабриу ја истакна важноста на оваа стручна расправа, од која треба да произлезат идните чекори на институциите кои работаат во оваа област.„Сите ние заедно, институциите, граѓанскиот сектор но и секој еден граѓанин може да придонесе за успешно спроведување на процесите ресоцијализација и реинтеграција на децата со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение,“ посочи Сабриу.

Тој се осврна на социјалната реформа која што беше спроведена во Република Македонија во 2019 година со цел да ја подобри ефикасноста и квалитетот на социјалните услуги и да ги модернизира системите кои ги опслужуваат најранливите категории на населението.

„Оваа реформа се обиде да ги адресира бројните предизвици со кои се соочуваше постојниот систем и да воведе нови мерки и стратегии кои ќе осигураат поефикасна и поопфатна поддршка за сите корисници на социјалните услуги. Оваа реформа, предвиде и трансформација на ЈУ за деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение и нејзино функционирање во организациони единици или добро познати во јавноста т.н мали групни домови. Целта која беше поставена со нивното воспоставување беше секако оправдана. Децата на овој начин би добивале 24 часовна грижа од стручен тим, а начинот на живот налик семејно опкружување,“ истакна Сабриу.

Тој подвлече дека, за успешноста на оваа реформа може да зборуваме по наодите од истражувањето направено од страна на Факултетот за безбедност-Скопје и Заводот за социјални дејности.

„Тука сме да ги детектираме слабостите и предностите од процесите на ресоцијализација и реинтеграција и заеднички да дојдеме до заклучоците кои ќе бидат нашите идни чекори во справувањето со предизвиците и унапредувањето на овие процеси. Затоа, да продолжиме да работиме со посветеност и ентузијазам во овие области, со цел да им обезбедиме на нашите деца можности за полн развој и интеграција во општеството. Наша одговорност и обврска е да вложуваме во нивната иднина и да обезбедиме систем што ќе ги поддржи во нивниот пат кон успехот,“ рече Сабриу.

Тој на крајот, порача дека успешноста на овие процеси се слика на успешноста на општеството како целина и колку општеството е подготвено и респонзивно да се справува со овие предизвици.

„Само со заеднички напор и вклученост на сите, можеме да успееме!“,порача Сабриу.