Проблемот со енормно загадениот воздух речиси во сите поголеми македонски градови одново ја исфрли на површина постојаната дилема дали државата прави доволно да ги заштити граѓаните од загаден воздух.

Официјалните податоци покажуваат дека во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17-19 отсто од вкупната смртност. Повеќето истражувања покажаа дека главни извори на загадување се загревањето на домаќинствата и на јавните објекти, сообраќајот и ресуспендираните честички, пишува Нова Македонија.

Стручните лица во областа на здравството посочуваат дека загадениот воздух има сериозен ефект врз здравјето, предизвикувајќи респираторни и кардиоваскуларни заболувања, а со тоа и зголемена смртност.

Она што е особено загрижувачки е тоа што од загадениот воздух се погодени децата, што директно влијае и врз намалувањето на коефициентот на интелигенција, а резултира и со други долгорочни здравствени проблеми. СЗО предупредува дека голем број луѓе на Балканот и Источна Европа дишат воздух што значително го надминува нивото на загадување.

На граѓаните им е потребно да им се даде добра (поевтина) алтернатива за дрвата

Несомнено со доаѓањето на есента повторно се отвора дебата за загадувањето и како најефикасно да се намали тоа, додека политичките партии, во зависност од тоа дали се на власт или во опозиција, го користат загадувањето да се обвинуваат едни со други за ваквите состојби.

Под силниот притисок од јавноста и со можноста и граѓаните да дојдат до поевтини технолошки уреди со кои индивидуално можат да го мерат нивото на штетни честички во воздухот и врз основа на тие податоци да алармираат, државата почна да презема некакви козметички чекори за надминување на ваквите состојби, стои во текстот на Нова Македонија.

Она што го потврдија сите истражувања е дека високата концентрација на штетни честички во воздухот во градовите без исклучок е предизвикана од загревањето на домовите со дрва и пелети. Кога на тоа ќе се додадат стариот возен парк и неефикасниот јавен транспорт, тогаш виновникот за загадениот воздух добива име и презиме.

Како одговор на притисокот на јавноста, она што го направи државата досега е тоа што почна кампања за замена на печките и котлите на дрва со субвенционирање на набавка на инвертор-клими. Но резултатите од оваа мерка се незначителни и состојбата со загадениот воздух во Скопје, Тетово, Гостивар, Битола и другите градови одново се повторува, иако календарски зимата сѐ уште не е пристигната.

Годинашната катастрофа што ја погоди земјава со пожарите покажа дека шумската мафија и натаму работи со полна пареа и ќе продолжи и натаму да работи ако државата не се реши на радикална мерка, да го забрани греењето на дрва во градските средини. Но пред да ја преземат таа мерка, која дефинитивно ќе значи намалување на загадувањето, надлежните мора да обезбедат замена на загревањето на домовите, која ќе биде поевтина варијанта од сегашното загревање со дрва и на тој начин повеќе нема никој да има изговор дека некој се грее на нееколошки горива од социјални причини.

За да се случи тоа, потребно е да се изградат мини-топлани на гас на повеќе локации, кои ќе дистрибуираат топловодно греење до сите домови по пониска цена од онаа што би ја платиле за купување дрва. Истовремено, државата тогаш има право во име на заштита на здравјето на граѓаните да побара од секој што живее во град да се однесува одговорно и загревањето на домот да го приспособи во согласност со урбаното живеење, а греењето на дрва да остане во руралните средини.

– Три години работам во Германија и од искуството што го стекнав таму можам слободно да кажам дека централните системи за загревање на домовите и за топла вода се најдобро решение. Не дека и таму градовите не се загадени, но во никој случај не е како во Скопје. Еве, една недела сум тука на одмор и буквално во утринските и вечерните часови не се дише. Секоја вечер се чувствува непријатен мирис на чад, човек буквално ниту може да излезе оддома, а уште помалку да ги проветри просториите. Во Германија греењето на дрва е можно во рурални подрачја, но и таму ретко се користи бидејќи таквиот тип на загревање се смета за луксуз, дрвата се енормно скапи, а се плаќа и дополнителна еколошка такса, што ваквиот начин на загревање го прави целосно неисплатлив – вели Александар Костовски, нашинец што веќе пет години е на привремена работа во Германија.

Целиот текст прочитајте го на Нова Македонија