По повод Светскиот ден за борба против хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), од Клиниката за пулмологија и алергологија денеска апелираа да се подигне свеста и да се реализираат кампањи за одвикнување од пушење. Беше нагласено дека треба да се остават цигарите, а аерозагадувањето беше наведено како дополнителен товар на пациентите со оваа болест. Она што поединци го користат за горење и греење во текот на зимата, поради недоволна свест и немање други финансии, како што беше исткнато, силно придонесува за вакви проблеми.
Најавена беше кампања за млади од осмолетки до гимназии за да може да сфатат колку е штетно пушењето, односно консумирање тутун, за белите дробови, за ХОББ, за астма, за канцер на бели дробови. Бидејќи, како што беше посочено, емисијата од цигари е штетна за сите луѓе, а особено е штетна кај младиот организам што се развива и за малиот мозок.
Доктор Деска Димитриевска, претседател на Македонското респираторно здружение, кажа дека симптоми на болеста се отежнато дишење, кашлица, и дека луѓето се навикнуваат на нив, како и дека многу доцна се бара помош. Често симптомите биле препишувани на цигари, загаден воздух, изложеност на нешто.
Димитриевска подвлече дека не треба да се потценува секоја кашлица, навремено да се бара соодветна помош.
– Многу е важно болеста да биде дијагностицирана рано, нагласи таа.
Бројот на заболени бил висок, не само во нашата држава.
На настанот беше посочено дека болеста претставува голем товар за државата, за здравствениот систем, но и за семејните буџети. Луѓето многу често отсуствувале од работа, како и нивни членови, за да се грижат за нив.
Доктор Јагода Стојковиќ нагласи дека пушењето е главен ризичен фактор за развој на болеста. Деведесет и пет отсто од пациентите кои имале ХОББ, се пушачи.
– Воздухот, особено во нашиот град, е загаден преку целата година, меѓутоа драматично станува за време на зимските периоди, потсети таа, а тоа имало големо влијание за влошувања кај пациенти со ХОББ.
Имале многу повеќе пациенти во амбулантите откако е почнато актуелното загадување деновиве, откако Скопје се најде меѓу најзагадените градови во светот.
Таа смета дека родителите може огромно да влијаат врз децата, кога е во прашање консумирањето тутун. Според неа, треба да се укажува на штетното влијание, а не да им се забранува, затоа што тоа може да има спротивен ефект.
Доктор Марија Здравеска појасни дека повеќе години како здружение и како клиника, работат за помош на пациенти за одвикнување од пушење.
– Апелираме повторно за да се зголеми достапноста на центри што би пружале психолошка поддршка, но и за достапноста на лековите со што би се третирала оваа зависност. Не сите лекови што се потребни, се достапни во моментов во Македонија, децидна беше Здравеска.
Директорот на оваа клиника, Оливер Зафировски потсети дека според најновата статистика, со 45 отсто од нашата популација, таа е лидер во консумирање цигари на Балканот.
– Тоа е многу висок коефициент на луѓе кои консумираат тутун, истакна Зафировски.
Тој советуваше да се остават цигарите, посебно електронските цигари.
– Моментално има голем маркетинг дека не се штетни, напротив, последните испитувања укажуваат дека се многу поштетни и од обично консумирање тутун, рече директорот.
Тој најави нови проекти во периодот што следува.
– Клиниката за пулмологија со која раководам веќе шест месеци ја подобрува својата ефикасност, активно се вклучуваме во најновите третмани и технологии преку што ќе ги подобриме идните потреби на пациентите со пулмонални заболувања. Во периодот што следи најавувам многу нови проекти, вложување во современа опрема, нови оддели и размена на искуства со европски еминентни доктори од оваа област, најави директорот. (МИА)