Главна причина за заминувањето на лекарите од државата не е само платата, туку и тоа што лекарите не се вреднуваат според заслуга или според работата со пациентите туку по политичка основа или по тоа што се синови или ќерки на професори. Ова го истакна една специјализантка по медицина на денешната трибина на која присуствуваа и премиерот Зоран Заев и министерот за здравство. На истата трибина лекарка специјалист која моментално е вработена во Ургентниот центар посочи дека иако има адекватно образование и специјализација по трауматологија работи на тријажа на пациенти, и не влегува во операциона сала. Таа посочи дека петмина обучени хирурзи работат на несоодветни работни места во Ургетниот центар. Исто така млад специјалист по хирургија се пожали и од начинот и нивото на пренесување на знаењата од страна на нивните ментори, а оние од општа хирургија се пожалија и дека малку имаат практична работа, односно не им се дозволувало да работат со пациенти. Тој побара од министерот Филипче и шкавчиња за специјализантите на Клинички за да си ги чуваат личните работи додека се на работа.