Според податоците на ирската агенција за истражување на пазарот Ипсос МРБИ, повеќе од две третини од граѓаните во петокот гласале за легализација на абортусот.

Нацијата некогаш длабоко приврзана кон принципите на католичката црква ја поддржа либерализацијата на законот со 68 наспроти 32 отсто од гласовите, покажаа резултатите од излезните анкети, објави Ројтерс.

„Не се официјални резултати, но изгледаат добро“, порача на Твитер ирската министерка за култура, Јозефа Мадиган.

Броењето на гласовите почна утрово.

Министерот за правда, Чарли Фланаган, ги опиша овие резултати како „уште еден голем чекор кон излегување од мрачното минато“.

Овој референдум тој го означи како шанса што се добива еднаш во генерација, а гласачите одговорија со, како што рече државната телевизија, одѕив што спаѓа меѓу најголемите на референдумите во земјата.

Граѓаните на референдумот беа прашани дали сакаат да се поништи уставниот амандман од 1983 година што на нероденото дете и на мајката им дава еднакво право на живот.

Забраната на абортусот во таа земја беше делумно укината во 2013 година, и тоа само во случаите кога животот на мајката е загрозен.