Oд ЈЗ УК за радиотерапија и онкологија соопштуваат дека достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури од минатото раководство, како и дека со сите сили се работи на надминување на недостигот на терапија, а во меѓувреме пациентите се третираат со терапијата која моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман.
Во продолжение следува целосното, оригинално соопштение од ЈЗ УК за радиотерапија и онкологија:
„Почитувани,
Ве информираме дека состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, кои се реализираат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси кои влијаат врз набавката на лекови.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, и веруваме дека со овие мерки актуелниот недостаток ќе биде надминат во најкраток можен рок.
Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата која моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман.
Со почит,
ЈЗ УК за радиотерапија и онкологија“