Рудникот за бакар и злато е целосно безбеден за животната средина и здравјето на граѓаните и е пример за одговорно и модерно рударство, тврди компанијата „Еурмакс ресоурсис“ која е концесионер на рудникот „Иловица-Шутка“.
Оттаму велат дека рудникот ќе се развива согласно највисоките стандарди за животната средина, согласно законите земјава и највисоките меѓународни принципи.
- Преоктот се развива во соработка со сите релевантни институции во Република Македонија на локално и национално ниво и ќе донесе бенефит за локалната и националната економија. Во изработката на студиите и сите потребни документи за развој на проектот работеа реномирани домашни и интернационални експерти кои со својата експертиза гарантираат за безбедност на проектот, тврди компанијата по протестите против отворање на рудникот.
Имајќи ја во предвид загриженоста на заедницата, од компанијата соопштија дека одлучиле да не користат цијанид во постапката, иако тврдат дека оваа постапка е целосно безбедна, а нема да се користи ни сулфурна киселина.
- Ќе користиме само процес на флотација, кој веќе се користи во Македонија и е целосно безбеден процес. Како и досега ќе продолжиме да работиме на транспарентен начин со локалното население и со сите институции и организации и сите наши документи како и Студијата за заштита на животната средина се јавно достапни. Отпочнавме и дијалог со граѓанските здруженија се со цел да излеземе во пресрет за давање на сите потребни информации на заинтересираните групи за да можат да ги темелат сите ставови на факти и вистини, се вели во соопштението на „Еурмакс ресоурсис“.
Голем број граѓани денеска излегоа на протестен марш во Струмица против ископ на рудникот „Иловица“. На протестот граѓаните на Струмица и околината го искажаа својот револт против изградбата на рудникот извикувајќи „Стоп за Иловица“, „природата и здравјето пред профитот“.