“Младост е да уживаш во летните авантури, лудост е тие да прекинат зад воланот!“ е пораката од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) до младите возачи кои ослободени од училишни и факултетски обврски во летниот период се забавуваат цела ноќ и потоа возат во раните утрински часови.
РСБСП предупредува дека заморот и поспаноста се ризични и причина за сообраќајни несреќи кај младите кои се релативно нови учесници во сообраќајот и истакнува дека младите не го предвидуваат заморот што го совладува организмот, без разлика на силата и енергијата што ја чувствуваат во моментот.
– Возењето во услови на мрак е само по себе опасно бидејќи е потешко да се види патот пред себе, но возењето во услови на зазорување е уште поопасно бидејќи човечкото око се бори со светлината што се пробива од мракот и се напрега да се фокусира на објектите на патот, односно на самиот пат, на луѓето и на другите возила. Основен инстинкт на организмот во борбата со заморот и поспаноста е постојаното трепкање на окото со цел да го одржи организмот буден. Борејќи се со сонот, се намалува концентрацијата и можноста за правилно расудување, се намалува перцепцијата, реакциите на естремитетите се забавени и можноста за брзо маневрирање е отежната. Сето ова го прави возењето опасно, а грешките се толку големи што чинат живот, соопшти РСБСП.
Дополнително отежнување за заморениот поглед се и светлата и фаровите од другите возила, односно нивниот одблесок во ветробранското стакло и ретровизорите на автомобилот, заедно со првите утрински сончеви зраци. Затоа РСБСП препорачува ако возат под вакви околности, младите во автомобилот да имаат очила за сонце.
– И другите реакции на организмот во вакви услови, во раните утрински часови се исти како кога се управува моторно возило под дејство на алкохол. Возењето во раните утрински часови, покрај тоа што претставува предизвик, претставува и голема опасност, а потврда за тоа се големиот број сообраќајни незгоди што се случуваат во овој период од денот. Според статистиката на РСБСП, најчесто учесници во нив се млади возачи или возачи-почетници, наведува РСБСП.