Дали почнуваме сами да ја ништиме и укинуваме сопствената историја пред тоа од нас да го побараат Грците и Бугарите?! Работната група на министерството за култура која вршеше ревизија на проектот Скопје 2014, предлага – музејот на Македонската револуционерна борба да се избрише од листата на заштитено културно наследство.
За историчарите ваквиот чин е скандалозен. Велат со бришење од листата на културно наследство, се брише македонската историја и идентитетот, а со тоа исчезнува и македонската колективна меморија. Проблемот не бил во музејот, туку во политиката, велат историчарите. Потсетуваат дека почетокот со бришење на македонската историја започнал со двата договори со Бугарија и Грција.
- Не може бугарски и грчи историчари да расправаат за македонската историја, велат тие.
Шесте членови на групата, сметаат и дека Музејот треба и да се преименува, поради, како што тврдат, искривената историска вистина што ја пласирал музејот низ поставката внатре и заради градењето асоцијации со активна политичка партија кај нас.
- Дополнително, музејот инсистира на восочни фигури во поставката, што го вулгаризира и навредува професионализмот во музеологијата, оценува меѓу другото работната група за ревизија на музејска дејност.
На оценката на историската поставка во музејот на Македонската револуционерна борба, остро реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека власта го избриша името, јазикот и идентитетот, а сега ја бришат историјата.
Претседателот на комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, оцени и дека ревизијата на поставката е идеолошко-политичка пресметка со науката и со современата научна мисла, што ја вршат некомпететни лица, односно поранешни членови на Шарената револуција.
Инаку, Музејот на македонската борба е институција која досега ја посетиле илјадници посетители од ширум светот и е институција која го покажува развојот на настаните во минатиот век.