Бостанот скапува по нивите, а за Владата нема никаков проблем. Министерот за земјоделство контра земјоделците – тврди дека се откупувале по 500 тони на ден, но најверојатно тоа било во некое друго време.
- Во откупот на лубениците нема апсолутно никаков застој. Не е точно ниту дека земјоделците се незадоволни од односот на Владата зашто во секој еден случај, кога ќе се оцени дека е потребно, се носат дополнителни мерки како оние за праската, грозјето, пченицата, рече министерот, правејќи се слеп на реалната слика во аграрот.
Но сепак, сликата на терен е сосема поинаква – земјоделците велат дека никој не го презема бостанот а она што се откупувало одело селективно односно муштерии имало само за луѓе блиски до власта.
Цената за откуп е најниска досега од 1 до 3 денари за килограм. Досега е обран околу половина од родот, а земјоделците велат дека нема поента да го берат она што е останато на нивите.