Вакцината „Фајзер/Бионтек“ против Ковид-19 била 90,7 отсто ефикасна во клиничките испитувања кај деца на возраст од пет до единаесет години, соопшти денеска американската фармацевтска компанија.
Шеснаесет деца кои примиле плацебо се разболеле од Ковид-19, а само три биле вакцинирани, наведува „Фајзер“ во документите доставени до Управата за храна и лекови на САД (ФДА).
Главната цел на истражувањето, во кое учествуваа 2.268 деца, не беше да се измери ефикасноста, туку да се спореди бројот на антитела кај вакцинираните деца во споредба со возрасните. Врз основа на овие резултати, „Фајзер“ и „Бионтек“ минатиот месец објавија дека нивната вакцина предизвикува силен имунолошки одговор кај децата. Експерти на ФДА во вторник треба да се состанат за да одлучат дали да и препорачаат на агенцијата да ги користи вакцините за таа возрасна група.
Вакцината „Фајзер/Бионтек“ веќе е одобрена за деца од 12 години и постари.