Македонија од лани според надлежните е во групата на високо ризични земји со намален опфат на имунизација. Скопје, Куманово и Прилеп имаат под 90 проценти вакцинирани деца а со МРП во многу општини бројките се и под 80 проценти. Министерството за здравство најави дека ќе ги засукаат ракавите и во следниот период ќе има едукација за лекари, кампањи за родители и вработување на педијатри во пунктовите за имунизација. Ќе ги мобилизираат сите кои можат да помогнат во промовирање на позитивните аспекти на вакцините. Наскоро треба да профункционира и Национално координативно тело чија цел е следеење на целиот процес на вакцинирање од набавката до боцкањето на децата. Со воведување на две нови вакцини кои ќе бидат задолжителни од 1 јануари 2019 и модернизирање на календарот за имунизација, од министерството за здравство велат дека ги презеле сите мерки побарани од СЗО.

-Со новите вакцини ќе го спречиме морталитетот и морбидитетот бидејќи овие заболувањ апредизвикуваат тешки заболувања кај децата до пет годишна возраст а ротавирусот до 2 годишна возраст. Во земјите од Западна Европа се задолжителни со години, вели Јованка Костовска од МЗ

Министерот за здравство вели дека им треба екстра буџет за набавка на новите вакцини кој очекува да го обезбедат. За новините во календарот за имунизација ќе прават и посебни обуки за здравствените работници. Со недостаток на кадар во пунктови за имунизација најзагрозени се Крушево и Крива Паланка каде нема лекар туку само медицинска сестра.