Истражувачите за првпат ја измериja концентрацијата на различни метали во тампоните и откриja алармантно високи нивоа на неколку токсични видови, вклучително и олово, за кое не постои познато ниво на безбедно изложеност.
Ѕидовите на вагината се обложени со високо апсорбирачко ткиво, што значи дека сите загадувачи присутни во хигиенските производи многу брзо стигнуваат до крвотокот без да бидат обработени од црниот дроб. Иако ова значи дека таквите производи треба интензивно да се проверуваат, истражувачите велат дека тоа не е така.
„Направено е многу малку истражување за мерење на присуството на хемикалии во тампоните. Според нашите сознанија, ова е првиот труд за мерење на присуството на метали во тампоните“, вели епидемиологот од Универзитетот Колумбија, Џени Шерстон, која го водела истражувањето.
„Она што е загрижувачко е што откривме концентрации на сите метали што ги тестиравме, вклучително и токсичните како арсен и олово“, додаде таа.
Истражувачите користеле масена спектрометрија за да ја анализираат концентрацијата на 16 различни видови метали: арсен, бариум, калциум, кадмиум, кобалт, хром, бакар, железо, манган, жива, никел, олово, селен, стронциум, ванадиум и цинк.
Најалармантно беше присуството на олово, каде е забележана концентрација од 120 нанограми на грам тампон, потоа кадмиум (6,74 нанограми на грам) и арсен (2,56 нанограми на грам).
Концентрациите на олово биле повисоки во тампоните кои не биле декларирани како органски, но оние направени од органски материјали имале повисоки нивоа на арсен.
Без разлика на потеклото и брендот на тампоните, ниту еден од анализираните производи не покажал постојано мало присуство на метали, пишува „Саенс алерт“.
Вреди да се напомене дека сите анализирани метали во конечниот производ стигнале во процесот на земјоделско одгледување на суровини и во процесот на производство. На пример, растенијата од кои се прави памук или вискоза што се користи за правење тампони може да ги зафатат металите од пестицидите, ѓубривата и отпадните води во почвата. Дополнително, влакната можат да собираат хемикалии од пигменти и антибактериски агенси кои се додаваат подоцна во процесот на производство.
Иако е природно луѓето да бидат изложени на одредено ниво на метали, оваа студија јасно покажува дека тампоните може да ја зголемат изложеноста на потенцијално небезбедно високи нивоа на овие елементи, предупредуваат истражувачите.
„Иако токсичните метали се неизбежни и постојано сме изложени на ниски нивоа, нашата студија јасно покажува дека тие се присутни во производите за менструација и дека жените може да бидат изложени на поголем ризик од изложеност користејќи ги овие производи“, вели експертот за изотопска геохемија Кетрин Шилинг, исто така од Универзитетот во Колумбија.
Истражувачите истакнуваат дека недостигаат и податоци за тоа како хемикалиите се апсорбираат низ ѕидовите на вагината, па не е познато како присуството на метали во тампоните може да влијае на здравјето, но и дека резултатот од студијата е повик да се преиспитаат безбедносните стандарди за хигиенски производи.
„Навистина се надевам дека од производителите ќе се бара да ги тестираат нивните производи за метали, особено за токсични. Би било важно јавноста да го повика или да бара подобро означување на тампоните и другите менструални производи“, вели Шерстон.