Според Законот за вработување, на децата со попреченост им следуваат асистенти кои ќе работат со нив и ќе им помогнат во образовниот процес. Но асистентите кои на ниво на дрвата се 280 на број, работат за само 7400 денари месечно. Нивната работа не само што е благородна туку и претставува задоволство кое не може да се опише бидејќи децата со попреченост возвраќаат со многу љубов и неверојатен напредок.
Асистентите на децата со попреченост се демотивирани од нискиот хонорар, кој, како што велат, дури и доцни. Тие кои се дел од основното образование мора да се пријават во Агенцијата за вработување како невработени лица за да можат да работат во јавните училишта. Тие се ангажирани преку проект на УНДП, поддржан од Министерството за образование и наука (МОН), не се редовно вработени, а со тоа ниту им тече стаж ниту имаат здравствено осигурување. Посочуваат дека во тие 7.400 денари што ги добиваат секој месец како надомест за ангажманот се вклучени и трошоците што ги имаат за храна и за превоз, па најчесто се принудени да работат и дополнителна работа за да можат да опстанат.
Секоја година потпишуваат договор за работа кој трае од септември до јуни, а поради нерешениот статус и ниските примања, многумина од асистентите се откажуваат и си заминуваат од училиштата. Друг проблем е што и образовните и личните асистенти се исто платени, иако едните се со завршено високо образование, а личните асистенти може и да се со завршено средно образование.
Од Министерството за образование и наука информираат дека има стручно тело кое издава процена по МКФ (Меѓународна класификација на функционирање, инвалидност и здравје). Оттаму велат дека засега не можело да се направи реална процена на потребите за ангажирање образовни асистенти бидејќи е кус периодот, од донесувањето на новиот Закон за основно образование.
Проблемот останува, а потребата на децата со попреченост е реална и неопходна. Асистените на овие дечиња се луѓе кои имаат широка душа и работат за да помогнат, некогаш и многу повеќе отколку што е потребно. Но условите за работа се оние кои ги разочаруваат бидејќи на крајот на месецот и тие треба да можат да си ги платат своите сметки и да обезбедат за себе и своите семејства се што се чекува од нив.