Австралиската државата Викторија веќе втора недела по ред го продолжува локдаунот во Мелбурн. Иако на дневна основа имаат по едноцифрен број на заболени, сепак официјалните претставници стравуваат дека новиот сој на коронавирусот во последното жариште може да се прошири и со минимален контакт.

Во државата карантинот започна минатиот четврток, откако беше регистриран првиот случај во последните три месеци на локално пренесување на коронавирусот. Блокадата требаше да трае до 4 јуни, но со цел да се спречи ширењето на многу заразниот индиски сој на коронавирусот, таа се продолжи.

-Ако ги оставиме работите да одат сами по својот пат, тогаш тие ќе излезат од контрола. Овој вид ќе биде надвор од контрола и луѓето ќе умираат. Никој не сака да ни се повтори минатата зима, изјави вршителот на должноста премиер на Викторија, Џејмс Мерлино, потсетувајќи на еден од најдолгите и најостри локдауни во државата за време на вториот бран на коронавирусот. Тогаш умреа повеќе од 800 луѓе, што претставува 90 проценти од сите смртни случаи на Ковид-19 во Австралија од почетокот на пандемијата.

Брзото воведување рестриктивни мерки, регионалните гранични контроли и социјалното дистанцирање и помогнаа на Австралија да ги задуши претходните избувнувања на локалните жаришта и да одржи релативно мал број на заразени – околу 30.100, со 910 лица умрени.