Јапонското министерство за здравство соопшти дека бродот во кој има повеќе од 2.000 патници, меѓу кои и Македонци, заглавени поради ширење на коронавирусот, ќе остане во карантин до 19 февруари, освен ако нема друг непредвиден развој на настаните. Од министерството додадоа дека кај дополнителни 41 лице на „Дајмонд круз“ тестовите за коронавирус испаднале позитивни.
Со ова, вкупниот број заразени на бродот, кој е во карантин во Јокохама, Јапонија, се искачи на 61. Службениците прегледале 273 патници за кои сметале дека потенцијално биле изложени на вирусот. Новите 41 заразен ќе бидат изнесени од бродот и однесени на лекување.
На бродот има тројца Македонци, соопшти вчера нашето министерство за надворешни работи. Тие работат на „Дајмонд круз“.Стотиците патници на крузерот со денови се заробени во кабините. Според американските медиуми, оброците се нередовни и вчера на мали групи конечно им било дозволено да излезат и да подишат чист воздух.

– Постојано слушам болно кашлање во соседната кабина – напиша еден патник на „Твитер“, загрижено додавајќи дека екипажот носи оброци од кабина во кабина и дека се плаши дека ќе се зарази.

Во меѓувреме, крузер со 3.600 лица е заглавен во Хонгконг. Ју Ли, мајка на две деца на „Ворлд дрим круз“, истакна дека најтешкиот дел била нејаснотијата од локалните власти за тоа каде ќе бидат ставени во карантин патниците.

– Повеќето патници сакаат да бидат изолирани без разлика на тоа дали имаат симптоми – истакна таа.

Ли додаде дека фамилиите со мали деца претежно седат во нивните кабини и гледаат филмови, кои компанијата ги дистрибуирала за да ја разбие досадата. Постарите патници, пак, не биле толку расположени за седење во кабина и повеќе сакале да играат игри во заедничките простории.

Досега од коронавирусот се заразени повеќе од 31.000 лица, а починале повеќе од 630.