Од Министерството за здравство очекуваат во наредниот период да се стабилизира епидемиолошката ситуација во државата. Причината е намалувањето на бројот на активни ковид случаи, а бројот на новозаразени секојдневно се намалува. Оттаму посочуваат дека се наоѓаме во фаза на смирување на четвртиот бран.
Комисијата за заразни болести на седница се очекува да предложи дополнително намалување на мерките, а министерот посочи дека прво ќе се направи анализа на епидемиолошката состојба и таа ќе даде насока во кој правец ќе се движиме.
– Серолошкиот скрининг ќе ни даде дополнителна информација како да постапуваме. Секако, ние ќе правиме анализа на состојбата која се случувала минатата недела и ќе одлучиме за идната недела во зависност од резултатите од скринингот, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на ретки болести.
Тој напомена дека засега не може да каже дали ќе има олеснителни мерки во однос на тргањето на маските на децата од училиштата, а како ќе постапат во идниот период зависи од утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Смета дека согласно резултатите, нема потреба да се продолжи скринингот кај учениците, бидејќи процентот на инфицирани ученици е многу мал.
– Според досегашните резултати сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринингот, затоа што ја постигнавме целта. Баравме од овој скрининг да видиме колкав е процентот на новоинфицирани деца, гледаме дека бројката е многу мала, 0,8 отсто, така да нема потреба од продолжување со скринингот. Секојдневно ги следиме бројките, така да сметаме дека сме во фаза на смирување на четвртиот бран, посочи Сали.