Бројот на заболени од коронавирусот се очекува да достигне околу 2000 лица, а пикот на заразата се очекува кон крајот на месец април. Министерот за здравство, Венко Филипче, пак, најавува детална анализа за временскиот интервал и очекувањата, која би требало да биде готова во текот на викендов или на почетокот на следната недела.
– Планираме детална анализа која сакаме да ја споделиме со јавноста во текот на викендот или на почетокот на следната недела. Би биле присутни и експерти од областа на епидемиологијата, а ќе се однесува на очекувањата и временскиот интервал кога што би можеле да очекуваме. Начелно, сегашните анализи и податоци укажуваат дека остануваме на истата прогноза, нагласи Филипче.
На новинарско прашање, пак, зошто цената на еден тест за коронавирус преку ФЗО е 4 950 денари, а на Клиниката на Жан Митрев чини 1500 денари, министерот Филипче не даде одговор. На прес конференцијата тој посочи само дека за тестовите биле предвидени 3 милиони денари, а биле потрошени само два, па според него се заштедиле еден милион денари.
Оттука се поставува следното прашање: Како македонскиот граѓанин заштедил еден милион денари, односно кој заштедил, кога цената на приватно е пониска за три пати од онаа на фондот? – прашуваат граѓаните.
Некој свесно си поигрува со нас и во очи не лаже за тоа каде одат нашите пари, во ситуација на пандемија, кога очите треба да ги отвориме не 4 туку 16 пати или ние сме тие кои треба да замижиме и целосно да веруваме без прашања во одлуките и прераспределбата на средства на владата и згора на се пак да веруваме дека тоа е за наше добро иако секојдневно сме сведоци дека по аптеките нема маски, алкохол, средства за дезинфекција, цената на една маска е 15 до 45 денари или повеќе!? А да не заборавиме дека медицинскиот персонал постојано се жали дека не е доволно заштитен, нема средства за работа, оставен е да се бори со опасниот вирус без доволно маски, ракавици и скафандери? – се само дел од ставовите, грижите и прашањата кои ги поставуваат граѓаните со кои стапивме во контакт.