Бројот на заболени од коронавирус во светот ја надмина бројката од 3,5 милиони луѓе, но експертите стравуваат дека бројот е многу поголем, бидејќи смртните случаи надвор од болниците генерално не се регистрираат и не влегуваат во официјални информации.Европа и Северна Америка забележаа забавување на заразата, но сепак тие имаат најголем број нови инфицирани.

Во последните 24 часа се пријавени 74.779 нови случаи на инфекција со вирусот САРС-КоВ-2 и вкупниот број заразени се искачи на 3,52 милиони. Според Светската здравствена организација (СЗО), ова може да се спореди со сезонскиот грип, од кој годишно заболуваат меѓу три и пет милиони луѓе, но е со големина на последиците од шпанскиот грип од 1918 година, кога заболеле околу 500 милиони луѓе.

„Но, за разлика од грипот, Ковид-19 има 10 пати поголема стапка на смртност кај сите возрасти“, рече Питер Колињон, специјалист за заразни болести во болницата во Канбера.

Од новиот вирус ширум светот досега починале 246.920 луѓе. Во текот на изминатата недела, стапката на раст на болеста на дневна основа беше помеѓу два и три проценти, додека во врвот на пандемијата беше 13 проценти.

Колињон верува дека би можело лесно да имаме втор и трет бран на инфекција и дека светот е далеку од „имунитет на стадо“ што се добива ако барем 60 проценти од населението се опорави од оваа болест. На глобално ниво, сè уште има помеѓу 75.000 и 90.000 нови инфицирани секој ден.