Четири паралелки од прво одделение во основното училиште „Петар Здравковски – Пенко“ во населбата Скопје Север, поради недостиг на простор, односно училници во училишната зграда, ја реализираат наставата во градинката што се наоѓа во близина на училиштето посочија од „Порталб“.
Родителите се загрижени, бидејќи доколку не се прошири постојнaта училишна зграда, за овие паралелки нема да има простор и наредната година.
– Слушнавме дека е побарано проширување, но не знаеме кога ќе се случи тоа. Не знаеме како ќе учат децата следната година, дали ќе го продолжат второто одделение во градинката? Првото одделение е повеќе низ игра и забава, но во второ одделение децата почнуваат да учат и овој простор не изгледа соодветен – велат родителите.
Директорот на ова училиште, Енис Мемети, вели дека е поднесено барање од Министерството за образование, при што е побарано на училишната зграда да се додадат простории за четири паралелки, односно за паралелките што сега наставата ја следат во соседната градинка.
– Доставено е барање до МОН за проширување, и во објектот што ќе се гради, како за почеток, да се направат четири дополнителни училници. Причината поради која ги бараме изградба на четири училници се поради тоа што имаме четири паралелки коишто учат во градинката во близина на нашето училиште. Тие се од прво одделение, и планираме тие паралелки да ги сместиме во дополнителниот објект што го бараме. Ова ни е приоритетно барање – вели Мемети.
Тој појаснува дека според разговараното со Министерот за образование, Арбер Адеми, се надева дека овој проект ќе биде дел од буџетот на МОН во следната година.
Во ова училиште учат 1.654 ученици, поделени во 65 паралелки, на три наставни јазици: албански, македонски и турски. Има и паралелки во кои е надминат законски определениот број на ученици. Согласно законот, минималниот број ученици во еден клас е 24, а максималниот 34, но паралелки може да се формираат и со помал број ученици доколку се исполнат условите.
Секој родител кој има поплаки за нерегуларности во основните училишта на Македонија може да го пријави случајот во Секторот за основно образование при Министерството за образование и наука.