„Професор Чибишев ќе биде новиот директор на Токсикологија. Исто така се надевам дека утре ќе го назначиме и новиот директор на Онкологија бидејќи таму решението за в.д. директорката е поминато кон средината на јуни. На Неврологија, нов директор е поранешниот министер за здравство д-р Фатмир Меџити, изјави Таравари, кој беше во посета на Здравствениот дом Скопје од каде најави вработувања во здравството.
Министерот за здравство повтори дека се сменети организациските директори на девет клиники, меѓу кои е и Бесија Иљази од Токсикологија, потврдувајќи дела за неа се пронајдени неправилности во работењето.
„Најверојатно да, службите го имаат тоа. Секако дека ние одлучивме веднаш да се разреши и да се назначи нов директор. Нема повеќе да има економски директори, тоа е целта“, рече Таравари.
Многу скоро, како што најави, ќе биде предложен законот за да нема економски директори на клиниките.
„Ќе предложам нов закон за здравствена заштита во којшто нема да има економски директори во сите установи. Таму каде што има повеќе од 100 вработени ќе предвидиме да има само еден професионален директор на клиника или на болница или пак, на јавна здравствена установа“, рече Таравари.
Тој се надева дека што побргу ќе бидат синхронизирани и систематизациите и ќе се донесе нова одлука за спојување на цел Клинички центар во иста установа.
„Истото важи и за здравствените домови и за болниците. Зборувам за помалите градови каде што има општа болница и здравствен дом, тие ќе бидат споени во едно што ќе се вика општа болница. Нема да има двајца, тројца, четворица директори, туку само еден, како што беше и порано“, рече Таравари.