Здравствените работници од сите здравствени профили претставуваат важна алка на општествениот систем и секоја одлука која доведува до нивна афирмација има големо значење во унапредување на секојдневното функционирање, односно суштинско придонесување во добрата здравствена пракса.

Ова во изјава за КУРИР го истакнува ас. д-р Весна А. Чибишева, од одделот  родилна сала при Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

-Нашиот став како здравствена фела е несомнено позитивен и за поздравување е секој чекор напред кон соодветно валоризирање на нашиот труд. Ова е една од најодговорните професии, поврзана е со долги години на вложување во себе, почнувајќи од образованието, но и понатаму кон практичната работа и совладување на вештините. Сепак, во нашите раце се животите на нашите сограѓани и ние тоа мора да го работиме крајно одговорно и професионално. Секоја финансиска надокнада, која дополнително го мотивира здравствениот работник и го обезбедува неговото подобро место во општеството овозможува унапредување на функционирање на системот во целост, вели докторката.

Доктор Чибишева во својата изјава за КУРИР посебен осврт дава на важноста на овој историски договор за медицинските сестри, кои со години беа деградирани.

-Особено ме радува фактот што во оваа последна одлука на извршната власт во зголемување на финансиската надокада е вклучен подеднакво и средниот медицински персонал, мора да потенцираме дека ние работиме како тим и дека здравствениот систем во многу сегменти функционира благодарение на медицинските сестри, кои со години беа деградирани и долго време не се наоѓаше соодветно решение да се награди нивната посветеност, лојалност и професионалност. Ние сме здравствени работници, не сме економисти или експерти за финансии, па така нема да навлегуваме во проценти, бруто, нето и временски рамки, туку ќе го поддржиме секој чекор напред до соодветно оценување на нашиот труд и ќе очекуваме дополнителни позитивни промени кои навистина ќе ни го обезбедат местото на пазарот на труд, кое и покрај многубројните недоследности и проблеми во организација на здравствениот систем, ние го заслужуваме, посочува д-р Чибишева во изјавата за КУРИР.