Бел штрајк царува во здравството поради незголемените плати и игнорантскиот однос од надлежните. На работа без ентузијазам, постојани кавги и нервози додека пациенти чекаат прегледи, а здравствените синдикати чекаат потпишување на договорот. Никој не знае дали со априлската плата ќе ги добијат ветените 2000 денари кои се синдикални барања за 2022 година.
– Со сегашните покажувања платата на лекар хирург и на било кој специјалист е 3 спрема еден со функционерите во плати, во оваа социјална сиромашна држава, вели д-р Предраг Серафимовски претседател на Синдикат на Клинички.
– Седум месеци не маткаат од министерство до министерство за 3000 со 2000 илјади и одеднаш тие преку ноќ си зголемуваат за 78 проценти. Се чувствуваме како ретардирани, вели Стојка Накевска потпретседател на Синдикат на Клинички.
Најголемите здравствени синдикати се револтирани што постојано чекаат некое мислење и молат за 2000 денари месечно, а функционерите веќе добија по 2000 денари дневно повеќе на сметка.
– Генералниот штрајк ни останува како опција како израз на револт, но се надеваме дека нема да дојде да ја донесеме оваа најрадикална мерка бидејќи при генерален штрајк трпи третото лице – пациентот, вели Љубиша Каранфиловски претседател на Самостоен синдикат на здравство.
А каква е состојбата во здравствениот систем доволно сведочи изјавата на министерот Фатмир Меџити – не би сакал да се лекува во штипската болница поради лошите услови.