Луѓето кои се изложени на финансиски стрес, во споредба со некои други видови на стрес, имаат 59 отсто поголема веројатност да имаат сериозни здравствени последици во наредните години, покажува новото истражување на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), објавено денеска во научната списание Brain, Behavior and Immunity.
Последиците од честите или долготрајните тензии или животот под притисок, особено кога станува збор за грижата за тешко болен член на семејството, загубата на саканата личност или комплицираниот развод, исто така, во 61 отсто од случаите, го влошуваат здравјето на луѓето во годините што следат и обично почнуваат да се развиваат сериозни проблеми кои се манифестираат приближно две години по стресните настани.
Овие категории на стрес научниците ги издвоија како најопасни со анализа на податоците добиени со тестирање на 5.000 луѓе на возраст над 50 години.
Заклучено е дека последователните стресни ситуации, како и оние кои траат подолг временски период, имаат разурнувачки ефект врз човечкиот имунолошки систем, нервниот систем, како и ендокриниот систем кој го регулира лачењето на хормоните кои, меѓу други работи, го контролираат растот, развојот и расположението.
Еден од авторите на истражувањето, д-р Одеса Хамилтон, нагласува дека честото повторување, односно обновувањето на тензиите и притисоците на работното место или во приватниот живот, ја зголемува можноста за сериозни и болести кои тешко се лекуваат за 19 отсто.
Според неодамна објавените податоци, 35 отсто од населението во 143 земји живее и работи под стрес.
Во САД овој процент на луѓе под дневна напнатост е за петтина поголем, а статистиката покажува дека дури 33 отсто од Американците страдаат од исклучително тежок облик на стрес.
Податоците од Американскиот институт за стрес покажуваат дека луѓето трпат најголем стрес на работното место и дека годишно 120.000 Американци умираат од последици директно поврзани со оваа состојба.
Се наведува дека околу милион работници во САД секојдневно пропуштаат работа поради тешкотии поврзани со стресот и дека на глобално ниво светската економија трпи огромни загуби поради намалената продуктивност и отсуството на работници поради зголемена анксиозност.