Десетици деца и вработени во градинките се заразени со Ковид-19 за повеќе од две недели, а министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска смирува дека ситуацијата е под контрола. Каде потфрлија градинките при згрижување на деца? Родителите уште пред самото отворање на градинките беа приморани да потпишат документ каде што градинките се оградуваат од одговорност ако детето се зарази од КОВИД-19.
Во текот на вчерашниот ден во медиумите излезе информација дека 13 деца на претшколска возраст и една негувателка од градинката „Коца Василева“ во Битола се во изолација, откако е потврдено дека воспитувачката од таа група е позитивна на коронавирус. Станува збор за истата градинка каде пред три недели имаше друг случај на негувателка позитивна на ковид-19, кога пет деца и петмина вработени беа ставени во изолација.
Директорката на таа градинка смирува и вели дека двата случаи немаат никаква поврзаност еден со друг. Имено, воспитувачката како и негувателката претходно се заразиле од надворешен фактор. Градинката иако до сега имаше два пати случаи на заразени од КОВИД-19 и изолација на вработени и деца, сепак продожува со работа.
Исто така вчера уште кај четири деца до петгодишна возраст кои одат во градинка потврден е корона вирус. Извор на заразата е семејството кај сите четири деца. Тестот е направен викендов и веднаш биле информирани градинките во населбите Аеродром, Ѓорче Петров и Карпош. 16 деца и четири учителки од сите три градинки заминале во самоизолација, информираа од Центарот за јавно здравје Скопје.
Пред неколку дена владата направи и одредени измени во протоколот кој се однесува на згрижување на децата во градинките. Сега е предвидено во групите од 0 до 2 години, наместо по шест деца, да бидат згрижени по 12 дечиња и за нив да се грижат по две негувателки во смена.
Граѓаните велат дека власта не ги дослуша до крај експертите и се избрзаа со отворање на градинките. Градинките се отворија без скрининг на вработени, а тоа ја зголеми повеќе можноста за поголема застапеност на вирусот КОВИД-19 внатре по градинките.