Дебелината кај луѓето не само што е лоша за срцето и крвните садови, туку и за мозокот, тврдат научниците.

Стручњаците велат дека вишокот килограми влијае врз менталните способности кај луѓето, но сé уште не успеале да утврдат зошто.

Се претпоставува дека метаболичките промени како високото ниво на шеќер во крвта и високиот холестерот влијаат на слабеењето на когнитивните способности на мозокот.

Веќе е познато дека дебелината е еден од факторите за деменција.

Студијата објавена во магазинот Neurologia, ја следела здравствената состојба на повеќе од шест илјади Британци подолго од десет години.

Учесниците на возраст од 35 до 55 години ја тестирале меморијата и другите когнитивни вештини три пати во текот на една деценија.

Дебелите и оние кои имале нездрави промени во метаболизмот покажувале сé полоши резултати на тестовите во споредба со останатите.

Стручњаците велат дека  во овој случај не се работи за деменција, туку за лоши когнитивни функции.

Границата меѓу нормалното стареење, благото когнитивно пропаѓање и деменцијата сепак е многу замрсена.

„Потребни се повеќе истражувања за да го утврдиме дејството на генетските фактори и да го земеме во обзир фактот колку долго луѓето се дебели“, велат истражувачите во соопштението.

Засега е познато дека здравата исхрана, редовното вежбање, избегнувањето цигари и зачадени простории, како и редовната контрола на крвниот притисок и холестеролот прават добра превенција од деменција.