Денеска во кругот на болницата и ковид-центар ГОБ „8 Септември“ се одржа протест од страна на здравствените работници кои го изразија своето незадоволство од неисполнетите ветувања за зголемување на нивните плати и вреднувањето на трудот.
Тие побараа вредноста на нивниот труд да биде изедначена со клиничкиот центар „Мајка Тереза“, односно да имаат статус на клиника, да добијат инфективен додаток за лекувањето на ковид-пациенти, како и да им се зголеми процентот на додатоците за дежурства на исто ниво како на нивните колеги вработени во клиничките болници.
Доктор Петар Атанасовски во изјава за електронските медиуми истакна дека причината за излегувањето на протест е во ветувањето за изедначување на вредноста на труд на здравствените работници со клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, кое досега не е исполнето.
– Ние како болница од март се бориме со ковид-19 и мислам дека нашата работа и нашиот труд не е вреднуван. Ни ветија дека дежурствата, платите ќе ни бидат изедначени како со Клиничкиот центар и дека ќе ни го исплатат инфективниот додаток, изјави доктор Петар Атанасовски.