На петгодишно дете кое има 90 проценти оштетен слух, му вградиле кохлеарни импланти за да може да слуша и да почне да зборува. За апаратчето да функционира секој месец мора да добива нови батерии. Тоа право не му следува преку Фондот за здравствено осигурување бидејќи ниту мајката ниту таткото немале 6 месеци континуирано здравствено осигурување како што било законски. На овој случај работи канцеларијата на народниот правобранител кои бараат од здравствените власти да го укинат членот кој го ограничуива пристапот до ортопедски помагала.
–Обесправеноста на дете со посебни потреби да добие право на користење на слушно помагало, односно батерии за слушното помагало. Неговата мајка по прекинување на работниот однос се пријавила во Агенцијата за вработување, меѓутоа има прекин во осигурувањето. Не помогнало ни тоа што таткото во меѓувреме заснова работен однос и е здравствено осигурен, така што се бара согласно решението на Фондот, повикувајќи се на Законот за здравствено осигурување и на Правилникот, осигуреното лице да има континуирано шестмесечно здравствено осигурување, изјави Васка Бајрамовска – Мустафа, заменик народен правобранител.
Бајрамовска очекува позитивно решавање на овој случај за да не го снајде истата судбина како четиригодишно дете со сколиоза кое лани морало да чека шест месеци за да добие бесплатен корсет. Кај овој случај, правобранителот иако реагирал дека е неоходно детето да го носи помагалото бидејќи имало отежнато дишење, од Фондот инсистирале на почитување на законските обврски.
-Оваа одредба мора да претрпи измени и затоа побаравме од министерот и од ФЗОМ повеќе да не биде пречка за остварување на правата за ортопедски помагала, вели Бајрамовска.
Од здравствените власти добивме само краток одговор дека ја разгледуваат иницијативата и сеуште не е дефинирано дали спорниот член ќе биде исфрлен од законот.