15-годишното девојче, штитеничка на С.О.С. Детското село, која вчера избега од Домот е најдена и вратена, потврдија од Центарот за социјални работи. Таа вчера заминала од институцијата каде била згрижена, а воспитувачите веднаш ја алармирале полицијата. Министерката за труд и социјална политика го потврди случајот и кажа дека социјалните работници ќе треба да утврдат од кои причини малолетничката го напуштила домот.

Ова не е прв пат малолетни деца да бегаат од Институцијата каде што се згрижени. На стартот од годинава 13- годишно девојче од Домот 25 Мај абортираше откако подолго време била сексуално злоставувана. Таа неколкупати бегала од Домот и била жртва на сексуално насилство. Истиот месец уште две девојчиња од истата институција открија дека се бремени. Едната, на 15 годишна возраст ја прекина бременоста, а другата, тогаш 17 годишна реши да го роди детето.

За Царовска, бегството на малолетници од институциите е нешто што се случува и во најразвиените земји. Важно е да се работи на нивна ресоцијализација, со цел таквите случки да не се повторуваат, вели таа.

Инаку денеска во населбата Влае беше отворен мал групен дом за деца со воспитно социјални проблеми кои досега беа згрижени во Домот „25 мај“. Во куќата ќе живеат петмина тинејџери на возраст од 14 го 17 години. Уште 4 вакви мали групни домови се отворени во Скопје. Во нив ќе бидат сместени сите деца од истата институција, а Домот 25 мај и официјално ќе биде затворен.