Повеќе од педесетина експерти од Шведска и Македонија учествуваа на првата ренална експерстка академија во организација на Министерството за здравство, Шведската амабасада и мултинационалната организација за здравствена заштита Диаверум.

На Академијата, тие споделија нови сознанија и добри практики за подобрување на реналната нега на пациентите во двете земји. Експертската академија ја отвори министерот за здравство, Фатмир Меџити, според кој хроничната бубрежна болест е ургентен здравствен предизвик во Европа кој погодува милиони луѓе и ги оптоварува здравствените системи.

„Според регистарот на Европската Ренална Асоцијација, инциденцата на нови пациенти на хемодијализа е околу 160 – 180 на милион жители за нашата држава. Во време на Ковид кризата, смртноста на пациентите на хемодијализа, хоспитализирани на одделите за ковид пациенти, се движеше околу 20 – 25%. Тоа укажува дека овие пациенти се со висок ризик за морталитет, со многу придружни заболувања и со особена потреба да се стават во приоритетните групи на третман во здравствениот систем“, посочи Меџити.

Министерот Меџити објасни дека Академијата е можност преку разговори, дебати и размена на искуства, експертите придонесуваат да се подобри квалитетот на здравствена грижа на пациентите. „Шведска со години наназад дава поддршка на нашата земја во размена на знаења и искуства, со што Северна Македонија е активен партнер за натамошно осовременување на здравствените услуги. Нашите две држави во сферата на здравството имаат исти приоритети. Посветено работиме на тоа здравствените услуги да бидат достапни за сите, инсистирајќи да се запазат најсовремените медицински протоколи“.

Хроничната бубрежна болест (ХББ) е глобален и ескалирачки предизвик, кој влијае на околу 10% од возрасната популација во светот. Првенствено е предизвикана од болести на животниот стил, како што е дијабетесот и распространетоста се зголемува, особено во земјите во развој и меѓу поединците со ниски приходи. Во Северна Македонија, околу 10% од населението се погодени од ХББ.

Фернандо Макарио, извршен медицински директор за Диаверум групацијата, во своето обраќање на Академијата, вели дека иако Диаверум се присутни во 24 различни земји, Северна Македонија е една од врвните земји каде се врши многу квалитетен третман за хронични бубрежни пациенти на дијализа.  „Сепак, се разбира дека има работи што може да се подобрат. Една од работите што можат да се унапредат е пред-дијализното следење на пациентите. Со зголемување на капацитет во предијализно следење може да ја одложиме прогресијата на болеста и да ја подобриме состојбата на пациентите доколку треба да започнат со дијализа и со зголемување на капацитетите за васкуларен пристап и поставување соодветен васкуларен пристап пациентите ќе имаат подобар квалитет на живот и помалку хоспитализации. Тоа се двата клучни критични аспекти за подобрување на грижата за бубрезите во Северна Македонија во овој момент“.

Димитар Клисаровски, извршен директор за Диаверум во Северна Македонија, истакна дека Академијата е  доказ дека за краткиот период колку што Диаверум е активен во земјата, нашата култура на вистинска нега и холистички пристап кон бубрежната нега веќе имаат значително влијание. „Со нетрпение очекувам да бидеме силен и стабилен партнер кој помага во обликувањето на идната ренална грижа во Северна Македонија”, вели Клисаровски.

Н.Е. Ами Ларсон Џејн, амбасадорка на Шведска во земјава, рече дека одржувањето на реналната академија е првиот чекор во долгорочната здравствена партнерска програма за борба против хроничната бубрежна болест. „За да создадеме промени, треба да имаме холистички пристап, каде што Владата, болниците, индустријата и академијата работат партнерски. Со веќе воспоставени деловни интереси и реномирани експерти во областа, Шведска со задоволство има улога во собирање на претставници од сите овие четири полиња. Академијата е резултат на одличната соработка помеѓу Шведска во форма на Бизнис Свиден и Амбасадата и нашите партнери во Министерството за здравство“, рече Ларсон Џејн.

Од влегувањето на македонскиот пазар на крајот од 2018 година, Диаверум стана еден од водечките провајдери на бубрежна нега во Северна Македонија, со вкупно 9 клиники и повеќе од 250 вработени кои се грижат за над 700 пациенти низ целата земја.