Политичка одговорност може да се бара како што кажува и самиот назив на актуелни политичари, значи тие би требало да си поднесат оставка и би требало да има реперкусии по нивната политичка иднина. Меѓутоа тоа не значи дека не може да се бара и политичка одговорност на бивши министри и бивши функционери, особено земајќи во предвид дека одредени владини функционери во одредени институции во здравствениот систем, фигурираат и до ден денешен, вели Рашела Мизрахи, претседателка на Анкетната комисија за случајот со Онкологија и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во гостување во дневникот на Македонската телевизија.

Мизрахи потенцираше дека дури и да се утврди одговорност кај поранешни министри, таа до Јавното обвинителство ќе ги достави сите заклучоци, укажувајќи дека потоа од нив произлегува и кривична и граѓанска одговорност, и порача Јавното обвинителство да започне да си ја врши својата работа.

– Ако зборуваме за поранешни министри тогаш не би можеле да си поднесат оставка, меѓутоа заклучоците на Анкетната комисија, како што кажав и на почетокот таа нема да биде глува и слепа, настрана од сите останати како ФЗО, Малмед или ДСЗИ, таа ќе ги проследи своите заклучоци и до Јавното обвинителство. А според членот 76 од Уставот знаеме дека самата анкетна комисија е уставна категорија, може да произлезе и кривична и граѓанска одговорност. И за тоа мојата порака до Јавното обвинителство е што побрзо да си ја врши својата работа, порача Мизрахи.

На прашањето дали ќе иницираат закон или правилник да се реши хаосот бидејќи има многу онколошки пациенти кои не го добиваат уставно загарантираното право да добијат лек и да се обидат да се излечат, Мизрахи истакна дека закони за здравство има, но тие биле прекршени.

– Закони за здравство има. Проблем е што се дозволило да се прекршуваат законите, да се оди преку нив или пак околу нив. Значи законот за здравствена заштита, закон за здравствено осигурување, законот за права на пациентите, сите тие опфаќаат одредена логистика во која што би имало нормално планирање на потребите на одредена јавна здравствена установа за своите пациенти, рече таа.