Експертите коишто го направија овој здрав и амбициозен план на исхрана сметаат дека оваа диета ќе ја спаси планетата Земја.
Во последните неколку години, секој ден се појавува некоја нова диета која има за цел да ви помогне во борбата против прекумерната дебелина, алергиите, депресијата и други проблеми и болести на модерното време.
Но, планетарната диета има многу поголеми амбиции- новата диета ветува дека ќе ги спречи климатските промени, уништувањето на тропските шуми и прераната смрт на милиони луѓе.
На оваа диета работеа 37 научници од 16 земји специјализирани за прашања поврзани со животната средина, растот на светското население и здравата исхрана, а резултатот од нивната работа е објавен во медицинското списание Lancet.
Земајќи предвид дека до 2050 година ќе живеат повеќе од 10 милијарди луѓе на планетата, заклучија дека на човештвото му е потребна промена на исхраната за да се спречи глобалната катастрофа.
Научниците велат дека нивниот план на исхрана може да спаси 11 милиони луѓе од смрт предизвикана од нездрави диети и ќе помогне да се прекине уништувањето на природата поврзано со индустриското производство.
Како функционира планетарната диета?
Планетарниот оброк е базиран на производи од билно потекло, пишува Noizz.rs. Според зборовите на научниците, овошјето и зеленчукот би требало да ја сочинуваат половината од секој оброк.
Месото не може да биде потполно исклучено, но треба да јадете многу помалку, особено од црвеното месо. На пример, диетата вклучува барем еден бургер од говедско месо и две порции риби неделно. Доколку не можете да издржите без месо, јадете билни протеини како алтернатива: грашок, јаткасти плодови и семки.
Еве едно едноставно мени кое би ја спречило глобалната катастрофа:
300 гр. зеленчук
200 гр. овошје
50 гр. ореви
75 гр. грав
28 гр. риба
13 гр. јајца
14 гр. црвено месо
29 гр. пилешко месо
232 гр. житарки
250 гр. млечни производи
31 гр. шеќер
50 гр. растително масло
Кои промени треба да се направат?
Најмногу ќе треба да внимавате на консумирањето на месо. Американците ќе мора да јадат за 84% помалку црвено месо, а шест пати повеќе грав.
Во Европа ќе треба да се консумира за 77% помалку црвено месо и 15% повеќе ореви и семки.
Африка и Јужна Америка ќе треба да намалат консумирање на компири и пченка, а Азија да ја намали потрошувачката на риба.
Не грижете се- нема да гладувате од оваа диета. Планетарната диета ви овозможува да внесете 2.500 калории дневно и разновидни производи.