Традиционалната хуманитарна акција под мотото „Биди човек, биди хуман“ и оваа година се реализираше во рамки на програмата за одбележување на Св.Матеј – Ден на даночните работници.
Вработените во Управата за јавни приходи традиционлано секоја година донират парични средства од кои потоа се купуваат производи и се донираат на ранливи категории на граѓани.
Оваа година директорката на УЈП Сања Лукаревска во име на вработените во Управата за јавни приходи додели донација во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца-Битола. Донацијата е обезбедена преку синдикалната организација „Солидарност“, односно сите средства се обезбедени од вработените.
„Како општествено одговорни граѓани, но и како даночници секогаш помагаме таму каде што е најпотребно. За оваа установа, во рамки на донацијата, набавивме се што и е неопходно: креветчиња, постелнини, дубаци, витамини и уште многу други неопходни производи. Иако мислам дека на дечињата им треба топла насмевка. Во иднина ќе продолжиме со исто темпо, затоа што традицијата треба да ја одржуваме и тоа го правиме во пресрет на секој наш празник, денот на даночните работници „Св. Матеј“. Горда сум што водам институција која што првенствено е општествено одговорна“, истакна Лукаревска.
Донацијата ја прими В. Д директорката на Јавната установа „Дом за доенчиња и мали деца во Битола“, Анета Талевска, која и додели благодарница на директорката на УЈП и на вработените.
„Голема благодарност за поддршката од страна на една ваква значајна институција – Управата за јавни приходи, која со нивната донација придонесува за збогатување на квалитетот на живеење на децата во Установата во однос на нега, исхрана, здравствена заштита и стимулација за правилен психомоторен развој “ – рече Анета Талевска, директор на ЈУ Дом за доенчиња и мали деца во Битола.
Домот за доенчиња и мали деца во Битола е основана во 1971 година. Установата згрижува, дава нега, исхрана и стимулација на доенчиња и мали деца како и деца со посебни потреби. Згрижува малолетни родители со деца, а привремено сместува и самохрани бремени жени еден месец пред породување и самохран родител до три месечна возраст на детето.