Домашните тортиљи се многу повкусна варијанта од оние во продавница. Затоа, доколку не сте љубител на готови тортиљи од пазарот, дефинитивно пробајте го овој рецепт.

Се прават од основни состојки, а можат да ги подготват и оние кои не се највешти во подготовката на тестото.

Состојки што ќе ви требаат:

еден килограм меко брашно
две ќесички прашок за пециво
600 милилитри топла вода
два децилитри масло
една лажица сол

Подготовка:

Во поголем сад просејте го брашното и додадете сол и прашок за пециво. Измешајте сè и наизменично додавајте топла вода и масло и продолжете со мешањето. Месете го тестото и додадете уште брашно ако тестото е лепливо.

После тоа, покријте го тестото со пластична кеса или фолија и оставете го да отстои околу половина час. Кога тестото ќе одмори, откинете парчиња тесто. Ако сакате да бидат со иста големина, измерете ги. Тие треба да бидат околу 50 грама.

Обликувајте ги во топка и тенко расукајте ги на набрашнета површина. Веднаш штом расукате една тортиља, веднаш испечете ја на загреана тава, во спротивно ќе се исуши. Печете ги на тивок оган само неколку минути додека не изгледаат како на фотографијата.